Беласица по 4 години во Втората југословенска лига- исток, пак се враќа во Првата македонска лига. Во тимот се случуваат големи промени. Во Беласица се враќаат: голманот Д. Георгиев и М. Јовев од Тиверија, браќата Зоран и Васе Митеви од Силекс, А. Пандев од Вардардки, Ј. Карајанов доаѓа од Кожуф и Ж. Савов од Младост Удово. Од тимот заминуваат Љ. Димовски и П. Блажевски во Тетекс, Н. Шабани оди во Пролетер од Зрењанин, Е. Менга во Приштина, Б. Митев оди во Победа од Валандово, М. Морарцалиев се враќа во Вардарски, а В. Алтнов и И. Матеничаров одат во Тиверија, а М. Василев оди во ЈНА. Тренер на Беласица и оваа сезона е Б. Истатов, а помошник е Р. Божинов. Беласица стартува сигурно на свој терен, додека во гости најчесто Беласица игра нерешено. Во Охрид одигрува 3:3, додека во Кавадарци 4:4 противТиквеш. Прв стрелец на тимот во есенскиот дел е повратникот Зоран Митев со 9 гола. Беласица најчестоигра во состав: Д. Георгиев, Т. Георгиев, Т. Стојанов, З. Зајков, К. Секулов, Р. Панов, Ј. Карајанов, Ж. Савов, З. Митев, П. Андреев и Г. Узунов. На крајот од есенскиот дел Беласица е втора со 23 бода, за само еден бод зад екипата на Саса. Зимските припреми се одвиваат традиционално во февруари 1988 година во Дојран, а претходно тимот на Беласица игра традиционално на турнирот во Петрич. Како засилувања на паузата доаѓаат: С. Ташев од Кожуф и М. Јанушевиќ од Рудар Костолац. Од тимот си заминува Д. Јорданов во Осогово, а во тимот веќе го нема голманот Д. Георгиев, а неговото место го зазема М. Илиев. Беласица во пролетниот дел избива на чело на табелата, игра сигурно и забележува убедливи победи против: Гостивар 4:0, Брегалница (Делчево) 5:0, Индустријалец (Југококта) 4:0. Во дербито е победен Љуботен со 2:0, со двата гола на Ж. Савов. На крајот, Беласица ја освојува титулата убедливо, постигнува 64 голови на 34 натпревари и освојува 47 бодови, пред Љуботен со 41 бод. Од 25 играчи кои настапуваат, 18 се од Струмица, 5 се од гевгелиско-валандовскиот регион (Ташев, Карајанов, Савов, Зајков, Узунов), Јорданов кој си оди зимата е од Кочани и Јањушевиќ е единствен кој не е од Македонија. Во летните квалификации, Беласица најпрвин игра против Бокељ од Котор. По поразот до 0:2 во Котор, Беласица во Струмица го одигрува еден од најдобрите натпревари во својата историја. Беласица победува со 6:1, со хет-трикот на С. Ташев, а во листата на стрелците се запишуваат и: К. Секулов, Ж. Савов и Г. Узунов. Последната пречка за влез во единствената југословенска лига ќе е тимот на Трепча од Титова Митровица. По поразот од 1:2, на првиот натпревар, Беласица на 7 јули, на плус 44 степени, го одигрува најважниот натпревар во својата историја, пред повеќе од 10.000 гледачи. Беласица поведува рано со голот на Јањушевиќ, а голот за конечен триумф го постигнува Трајче Георгиев во 85 минута.