Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Звонко Тодоров

  • Играч
  • Тренер

Биографија

Звонко Тодоров оваа година слави 50 години, како дел од струмичкиот фудбал. Тодоров е поранешен фудбалер на Беласица, Агроремонт и Тиверија и поранешен тренер на Беласица и Хоризонт, а уште е активен во младинските категории на Академија Пандев. Тодоров започнува да тренира, во 1974 година, на свои 14 години, во младинската школа на Беласица. За првиот тим на Беласица ќе дебитира во есенската 1977 полусезона, на свои 17 години. Првиот натпревар ќе го одигра во 9 коло против Слога во Скопје. Во следното коло настапува против Пелистер во Струмица, тоа ќе е и негов последен натпревар за Беласица. Летото 1978 година, оди на позајмица во Агроремонт во Струмица, каде ќе игра следните две сезони. Во јули 1980 година преоѓа во екипата на Тиверија. Дебитира со гол против Плачковица во првото коло, од сезоната, 1980/81. Вкупно ќе одигра 5 натпревари во оваа сезона. Во следната сезона, 1981/82, Тиверија е во многу тешка финансиска ситуација, тимот се бори за опстанок во Источниот регион. Тодоров со 23 одиграни натпревари и постигнати 4 гола, заедно со З. Младеновски (8 гола) се најдобрите играчи на тимот. Во следната сезона, Тодоров со Тиверија успева да станат шампиони на Источниот регион. Во сезоната, 1983/84, Тодоров игра за Тиверија на 8 првенствени натпревари и ќе постигне еден гол против Рудар од Пробиштип. Потоа, летото 1984 година се враќа во Беласица, а потоа оди пак во Тиверија. Во 1986 година, оди во ЈНА, а по враќањето 1987 година решава да ја прекине играчката фудбалска кариера. Следен ангажман во фудбалот му е работата, како фудбалски судија, која ќе ја работи до 1995 година.

Со тренерска кариера ќе започне 1995 година, кога станува тренер во младинската школа (пионери) на Беласица. Во сезоната, 2000/01, со кадетите на Беласица (генерација 1984/85), ќе ја освои дуплата круна. Ќе биде и помошник тренер на Д. Сетинов, во репрезентацијата на Македонија, до 17 години, во 2001 година. Во следната сезона, ќе го освои младинскиот куп, првин победувајќи го Вардар во полуфинале. Додека пак, во Струмица во финалето, Беласица ќе го совлада Куманово на пенали и ќе стане победник на купот за сезоната, 2001/02. Тодоров ќе стане и помошен тренер на Беласица, во сезоната, 2002/03 и ќе ја освои вицешампионската титула. Првиот тим на Беласица ќе го преземе, како главен тренер, во пролетната полусезона, 2004 година. Летото 2004 година, пак ќе се врати да работи со младинските категории и во сезоната 2005/06, ќе го освои младинскиот куп на Македонија, со генерацијата 1987/88. Оваа генерација ќе ја предводи и во Виареџо, февруари 2006 година. Пролетта 2006 година ќе биде и тренер на првиот тим на Беласица, но тимот кој имал само 4 бода од есента, не може да го спаси да не испадне од Првата лига. Беласица е во огромни финансиски проблеми. Тодоров ќе го води сениорскиот тим на Беласица и во сезоната 2006/07, во Втората македонска лига. Тодоров е прв тренер и на стартот на есенскиот дел од сезоната, 2007/08, а потоа е префрлен во младинскиот тим, каде останува до декември 2007 година. Следна станица, му е Турново, каде ќе е помошен тренер заедно со Р. Анчев, а тимот на Турново станува шампион на Втората македонска лига, во 2008 година. Потоа, Тодоров е тренер на пионерската школа во есента 2008, но потоа го презема и првиот тим. Во Хоризонт е до крај на 2009 година. Во Академија Пандев, доаѓа уште со нејзиното создавање во 2010 година и ќе работи со младинските категории, пренесувајќи го своето тренерско фудбалско знаење на многу млади генерации на фудбалери. Тодоров е уште активен и ги тренира најмладите генерации во Академија Пандев. 50 години посветени на фудбалот.

Фотографии

  • November 18, 2024

    Портрет на Звонко Тодоров во темносина спортска јакна