Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Васил Рингов

  • Играч

1972–1973

Биографија

Васил Рингов, еден од најдобрите играчи во историјата на Македонскиот фудбал. Дебитирал во Беласица со неполни 17 години во пролетта 1972 година и имал таа пролет 12 меча и 1 гол. Во следната сезона (1972/73) е најдобриот играч и прв стрелец на Беласица со 15 гола на 32 мечови. Заедно со Истатов, летото 1973 година преоѓаат во Партизан - Белград, каде останува две сезони. Потоа се враќа во второлигашот Тетекс (1975-77), каде игра во Втора југословенска лига - Исток, заедно со уште неколку Струмичани: С. Грнчаров, Б. Георгиев, Шеки и Бинев. Во дресот на Тетекс постигнува 16 гола, на 45 натпревари. Летото 1977 оди во Вардар каде станува еден од најдобрите играчи на сите времиња и најдобар стрелец на тимот со 96 голови. Во првите пет сезони во Вардар е најдобар стрелец, секогаш со двоцифрен број на голови. Во првите две сезони, Вардар е во Втора лига, но од сезоната 1979/80 година се враќа во Прва лига, а Рингов продолжува да биде најефикасен и најдобар играч на тимот.

Рингов е голема ѕвезда на југословенскиот фудбал и преминува во Динамо Загреб. На стадионот „Младост“ во Струмица се враќа само на еден официјален меч од 1/16 на купот на Југославија и тоа есента 1983 во дресот на Динамо Загреб, пред 14.000 гледачи. Динамо победува со 1:0. Таа есен настапува на 12 првенствени натпревари и постигнува 3 гола за Динамо Загреб. Потоа, во јануари 1984 година, се враќа пак во Вардар и со Дарко Панчев во следните сезони, го формираат еден од најдобрите тандеми на Вардар во историјата. Во сезоната 1984/85, Рингов постигнува 11 гола, а Панчев 19. Рингов ја започнува и следната есенска сезона во Вардар и одигрува 11 натпревари и постигнува 4 гола. Рингов на 1 ноември 1985 година заминува да игра и во Ајнтрахт Брауншвајг, кој се натпреварува во Втората германска лига. Рингов одигрува само 4 натпревари заради проблеми со повреди. Во летото 1986 се враќа во Вардар и ја одигрува последната своја сезона, 1986/87, но игра само на 4 натпревари и постигнува 1 гол, иако повреден дава свој допринос во освојувањето на шампионската титула на Вардар, прва во историјата во југословенската Прва лига.

Во дресот на Вардар одигрува 217 првенствени натпревари и постигнува 96 гола, од кои 69 гола во Прва југословенска лига. Во својата кариера одигрува 323 првенствени натпревари во 16 сезони и постигнува 131 гол.

По завршувањето на кариерата останува во Вардар, како негов помошен тренер, но ќе биде и претседател на клубот.

Кариера

Беласица

Настапи
44
Голови
16

Фотографии

  • Васил Рингов