Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Тони Ефтимов

  • Играч
  • Тренер

1992–2005

Биографија

Тони Ефтимов, врвен напаѓач на Беласица, Вардар, Пелистер, Победа Валандово, Куманово, Башкими и Милано од Куманово, Турново и Пирин од Благоевград.

За Беласица има играно во 6 различни сезони и постигнато 20 голови на 78 првенствени натпревари. За Беласица дебитира во март 1992 година, на 19 години на натпреварот против Мајданпек во Трета Југословенска лига - Исток. На истиот натпревар дава гол, а ќе постигне и против Јастребац. Вкупно во првата своја сезона настапува на 11 натпревари. Во првата сезона (1992/93) во независна Македонија, ја игра својата најдобра сезона за Беласица. Во есенскиот дел е најдобар стрелец на тимот со 9 голови, а до крајот од сезоната со вкупно 10 голови, останува прв стрелец пред С. Гошев со 6 голови. Во сезоната 1993/94, постигнува хет трик против Караорман, на крајот од сезоната има 20 натпревари и 4 голови. Летото 1994 оди со В. Костов во Победа од Валандово, каде веќе играат: Н. Танушев и С. Танев. Победа Валандово станува шампион на Втора лига - Исток, но ФФМ ја обвинува за лажирање натпревари и не дозволува да се натпреварува во Прва лига. Ефтимов заедно со Танушев и Танев преминуваат потоа во Пелистер. Овде Ефтимов ќе се истакне со своите голови. Во сезоната 1996/97 постигнува 10 голови. Летото 1997, пак се враќа во Беласица, но игра само 6 натпревари и постигнува 2 голови и заминува зимата во Вардар од Скопје. Во Вардар останува во следните три и пол сезони. Во сезоната, 2001/02, игра за Куманово, како позајмен играч од Вардар. На полусезоната е прв стрелец на тимот со 5 голови. Во сезоната 2002/03 игра за Башкими, каде ќе биде главен стрелец и со негова помош Башкими влегува во Прва лига. Летото 2003 година се враќа пак во Беласица и игра во купот на УЕФА. Во есенската полусезона ќе одигра вкупно 10 првенствени натпревари и ќе постигне 2 голови. Пролетната полусезона со Дориев одат во Бугарија и играат за Пирин од Благоевград. Летото 2004 се враќа во Македонија и игра за силниот второлигаш, Турново, кој ќе успеа да игра и полуфинале на куп на Македонија. Ефтимов со 11 голови ќе допринесе Турново да игра бараж за влез во Прва лига. Летото 2005 оди по четврти пат за Беласица. Ќе одигра само 4 натпревари, негов последен во дресот на Блеасица е против Вардар од Скопје, во септември 2005 година. Потоа оди пак во Куманово, но сега во дресот на Милано. Во јуни 2006 година, ја завршува својата кариера.

По завршувањето на играчката кариера, започнува со тренерската кариера, првин во младите категории на Беласица. Ќе ги предводи младинците на познатиот турнир во Виареџо. Од 2012 до 2014 година, две години го води и првиот тим на Беласица.

* Ефтимов ќе остане запаметен како врвен стрелец и напаѓач, кој на инсистирање на Дарко Панчев оди во Вардар.

Кариера

Беласица

Настапи
78
Голови
20

Периоди

Тренер
2012–2014

Фотографии

  • September 18, 2023

    Тони Ефтимов во дресот на Беласица, 1992/93