Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Ристо Попов (Р. Попов–Думбович)

  • Играч

1981–1992

Биографија

Ристо Попов - Думбович, легендарен центарфор на Тиверија и Беласица. Во Беласица одигрува 96 првенствени утакмици во 4 сезони и постигнува 24 гола.

Кариерата ја започнува во Тиверија на 17 години, пролетта 1980 година. По постигнатите 9 гола за Тиверија во сезоната 1980/81, преминува летото 1981 година во Беласица заедно со Кусиванов, Мишев и Милушев. Дебитира за Беласица во првото коло против Вардарски во Богданци, а првиот гол го постигнува во 10-тото коло против Напредок во Кичево. По оваа сезона (1981/82) се враќа во Тиверија, летото 1982 и станува легенда на овој клуб. Во 8 сезони, постигнува 98 гола, а за сезоната 1982/83 немаме податоци за Тиверија (9-та негова сезона во Тиверија), така да бројката на голови е сигурно над 100 голови. Минимум во 5 сезони е најдобар стрелец на тимот и веројатно е најдобар стрелец на Тиверија на сите времиња. Во сезоната 1987/88 дава 22 гола на 23 првенствени натпревари, со што ќе помогне Тиверија повторно по 1976 година, да се врати во Прва македонска лига. Во следната сезона 1988/89, експлодира со 30 гола и е најдобар стрелец на цела Прва македонска лига. Тиверија во првите 10 кола е прва, на крај завршува 5-та.

Сите овие голови се препорака, летото 1989 година пак да премине во Беласица. Во сезоната 1989/90 со 5 гола е втор стрелец на тимот во Третата југословенска лига - Исток. Сезоната 1990/91 е неговата најдобра сезона во Беласица, кога постигнува 12 гола и повторно е втор стрелец на тимот, пак зад Милан Василев. Во три натпревари (Куманово, Саса, Тиквеш) постигнува по два гола и прогласен е на сите нив за играч на натпреварот. Негова последна сезона во Беласица е 1991/92, кога постигнува 5 гола во Третата југословенска лига - Исток. Негов последен гол е против Мајданпек, во март 1992 година, а последен натпревар против Косово Поле, во април 1992 година. Потоа, игра и за екипите на Турново, Малеш, Победа Дабиле и Дојранско Езеро.

Фантастична играчка и голгетерска кариера, во која за двата струмички клуба има дадено барем 122 првенствени голови (за сезоната 1982/83 немаме податоци од натпреварите за Тиверија).

Кариера

Беласица

Настапи
96
Голови
24

Фотографии

  • Ристо Попов (Р. Попов–Думбович)