
Ристо Панов
- Играч
- Тренер
1980–1997
Биографија
Ристо Панов е легенда на струмичкиот фудбал и долгогодишен столб во одбраната на Беласица. За Беласица има играно во 15 сезони и притоа настапено на 366 првенствени натпревари и постигнато 21 гол. По бројот на настапи е трет во историјата на Беласица, веднаш зад М. Василев и П. Андреев. Започнува со фудбал во младинската школа на Беласица. По завршувањето на средното училиште, оди на факултет во Скопје, каде останува две години. Потоа пак се враќа во Струмица, но сега во Тиверија. По три сезони (1977-1980) во Тиверија и одиграни 80 првенствени натпревари и постигнати 6 голови, летото 1980 г. преминува во Беласица. Ќе дебитира на 24 години во дресот на Беласица против Вардар од Неготино, септември 1980 година, а првиот гол ќе го даде против Саса, во 10-тото коло. Во сезоната 1981/82 настапува на 26 натпревари.
Во сезоната 1982/83 е дел од шампионската генерација и нејзината гранитната одбрана, Д. Георгиев (Истатов), А. Грнчаров (М. Василев), Б. Митев (Т. Георгиев), В. Дрвошанов, К. Секулов и Р. Панов. Есента 1983 година одигрува 16 натпревари во Втората југословенска лига- исток, по што оди во ЈНА. Се враќа од ЈНА во ноември 1984 г. и ќе настапи во сезоната 1984/85 на 20 натпревари. Во сезоната 1985/86 е прв по настапи во тимот со 33 натпревари, а исто и следната сезона со 30 настапи. Капитен е на тимот кој во 1987/88 повторно ја освојува шампионската титула во Македонската лига. Диригент на одбраната на Беласица со К. Секулов, Т. Георгиев, Т. Стојанов, Б. Беличев и на голот М. Илиев, кој ќе избори влез во единствената Втора југословенска лига. Со Г. Стојановски во сезоната 1988/89 настапуваат на најмногу натпревари, вкупно 32.
Летото 1989 година преминува во Вардарски од Богданци заедно со Б. Марков. Ќе остане во Вардарски една и пол сезона, по што во јануари 1991 г. ќе премине во Тиверија. Во Тиверија ќе игра една година, ќе забележи над 25 настапи и ќе постигне уште 4 голови. Во јануари 1992 г. повторно се враќа во Беласица и настапува во Третата југословенска лига - исток. Во првата сезона (1992/93) во независна Македонија, постигнува 4 голови и е четврти стрелец на тимот. Во 5-те сезони во македонското првенство, во централната дефанзивна линија ќе игра со М. Даскаловски, В. Костов, И. Ѓузелов, Б. Беличев, Г. Стојановски… Негова последна сезона во кариерата ќе биде 1996/97 година, кога со 40 полни години ќе одигра 20 натпревари. Негов последен настап е против Брегалница во Штип, на неколку денови пред неговиот 41 роденден.
Ќе биде и тренер на Беласица во периодот од 1998 до 2000 година, кога ќе соработува со Истатов, Урдинов, Божинов и Матеничаров.
Вистинска легенда на македонскиот фудбал, кој остави длабока трага во Беласица и модел на фудбалер и идол на многу генерации.
Кариера
Беласица
- Настапи
- 366
- Голови
- 21
Периоди
- Тренер
- 1998–2000
Фотографии

Ристо Панов