
Петар Андреев
- Играч
1974–1995
Биографија
Петар Андреев, жива легенда на Беласица и фудбалот во Струмица, симбол и икона на клубот. Апсолутен рекордер со 22 сезони и 554 одиграни лигашки натревари за Беласица. Има постигнато 50 првенствени голови, со што е во топ 10 стрелците на Беласица
Неуморен во средината на теренот, креатор на сите акции и секогаш опасност по голот на противникот со неговите силни и прецизни удари.
Дебитира за Беласица на 17-годишна возраст против Балкан во Скопје и уште во првата сезона со 22 утакмици станува стандарден првотимец. Првиот гол го постигнува есента 1975 г. против Охрид во Струмица. Во сезоната 1976/77 постигнува 8 голови, при што треба да се истакнат двата во Скопје за победа над шампионот Работнички. Беласица, со млада екипа, сезоната ја завршува на 4 место. Во 1978 година се оформува дрим-тимот на Беласица со Истатов, Н. Секулов, Дрвошанов, Шеки… и тој е стандарден дел од тимот, кој на два пати ќе го освои третото место. Во сезоната 1980/81, постигнува 8 голови и е најдобар стрелец на тимот. Пред пролетната полусезона 1982 г. заминува во ЈНА, а се враќа пред пролетната сезона 1983, за да учествува во освојувањето на титулата во Првата македонска лига. Во периодот од 1983 до 1987 година, настапува во Втората југословенска лига и забележува 118 настапи.
Во сезоната 1987/88 ја предводи Беласица со најмногу одиграни натпревари (32), во освојувањето на титулата во Првата македонска лига и ги игра сите натпревари во квалификациите за влез во единствената Втора југословенска лига. Во оваа лига на 4 натпревари е прогласен за играч на утакмицата. Ќе игра две години и во Третата југословенска лига- исток. Со осамостојувањето на Македонија, Андреев е прв капитен на тимот и во таа премиерна сезона, постигнува 5 голови и е трет стрелец на силниот тим на Беласица. Во следните две сезони, пак ќе игра над 20 натпревари и ќе постигнува по три голови. Против Кожуф во мај 1995 година ги постигнува своите последни два гола. Летото 1995 година решава да стави крај на кариерата, но не за долго. Истатов ги повикува да помогнат него и Панов и се враќаат во 10 коло и одигрува уште 5 натпревари есента 1995 година.
Последниот лигашки натпревар е против Саса од Каменица, во ноември 1995 година, во 39-тата година од животот.
Во 18 од 22 сезони, има играно на минимум 20 лигашки натпревари по сезона. Следното лето 1996 година, Беласица му организира прошталенен натпревар против Партизан од Белград, како што доликува да се испрати еден таков великан.
Успешна кариера посветена на Беласица од младински категории, па сѐ до крај. Легенда која заслужува неговиот лик да биде ставен во логото на Беласица или да се подигне споменик пред стадионот, кој ќе ја симболизира верноста и посветеноста кон еден тим и кон својот град.
Кариера
Беласица
- Настапи
- 555
- Голови
- 50
Фотографии

1976
Петар Андреев