
Панче Стојанов
- Играч
- Тренер
1992–2012
Биографија
Панче Стојанов, репрезентативец и легендарен фудбалер на Беласица, Силекс, Работнички, Ренова, Хоризонт Турново и Плачковица. Во октомври 2025 година е назначен за шеф на стручниот штаб на Беласица.
За Беласица има играно во 9 различни сезони и одиграно 127 првенствени натпревари и постигнато 13 голови. Ги поминува младинските категории на Беласица и дел е од генерацијата, која го освојува купот на Македонија во сезоната 1992/93.
Март 1992, на 16 години, дебитира во Третата југословенска лига против Косово Поле. Генерацијата предводена од него, И. Ѓузелов, В. Георгиев, Т. Атанасов, П. Ристевски и С. Петковски, го освојува купот со убедлива победа од 5:3 против Пелистер. Пролетта 1994 година почнува да настапува редовно за првата екипа, под раководство на Б. Истатов.
Сезоната 1994/95 е стандарден дел од офанзивниот ред во состав: Атанасов, Андреев, Хаџиосмановиќ, Трајковски, Георгиев, Марков и Василев. Во оваа сезона игра на 20 натпревари и го дава својот прв гол против Балкан од Скопје. Во сезоната 1995/96 игра на 24 натпревари и дава 3 голови.
Во сезоната 1996/97 оди во Плачковица од Радовиш, а по една сезона се враќа во Беласица и игра на 24 натпревари, што е најмногу во таа сезона. Беласица испаѓа во сезоната 1997/98 и Стојанов заминува во Силекс, кој е трикратен шампион на Македонија. Во Силекс ќе ги помине следните четири сезони.
Во август 2001, на 26 години, ќе дебитира за репрезентацијата на Македонија против Саудиска Арабија. Во следните 12 месеци ќе одигра 12 натпревари за Македонија и во овој период е еден од најдобрите играчи во државата.
Во април 2002 година, се враќа за последните шест кола во Беласица, за да помогне во освојувањето на титулата. На крајот Беласица ќе е втора и ќе игра во купот на УЕФА. Во сезоната 2002/03, Беласица пак е вицешампион, а Стојанов игра на 30 натпревари и постигнува 4 гола. Заедно со Р. Попов, Балдовалиев, Танушев, Костов, Дориев и Масев, стигаат и до полуфиналето на купот.
Летото 2003 година оди во екипата на Работнички од Скопје. Во Работнички останува четири сезони и освојува две титули (2004/05 и 2005/06), одигрува 94 натпревари и постигнува 11 гола. Летото 2007 година оди во Ренова, каде ќе игра следните две сезони и ќе настапи на 48 натпревари. Летото 2009 оди во Хоризонт Турново, каде ќе одигра 66 натпревари.
Последната своја полусезона (пролет 2012) ја одигрува во Беласица. Уште на првиот натпревар против Осогово постигнува гол, а вкупно одигрува 9 натпревари. По ова, Стојанов ја завршува својата 22-годишна кариера.
Стојанов ќе има и успешна тренерска кариера. Ја предводи Академија Пандев од 2015 до 2018 година и успева тимот од Трета лига да го донесе во Прва македонска лига. Панче го презема тимот на АП Брера во март 2025 и успеа со овој тим да го зачува прволигашкиот статус. Во октомври 2025 година е назначен за шеф на стручниот штаб на Беласица.
Од 22 сезони, за 3 сезони нема статистика. Во 19-те сезони каде има статистика, Стојанов има постигнато 29 гола и одиграно 382 првенствени натпревари. Заедно со трите сезони каде недостига статистика, неговиот број на натпревари би требало да е над 450 првенствени натпревари.
Кариера
Беласица
- Настапи
- 127
- Голови
- 13
За репрезентацијата
- Настапи
- 12
- Голови
- 0
Настапи и голови за македонската репрезентација, според биографиите и книгата „ФК Беласица – гордоста на Струмица“.
Периоди
- Тренер
- 2025–2026
Фотографии

2025
Панче Стојанов. Фотографија: gol.mk

Панче Стојанов