Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Неџат Шабани

  • Играч

1985–1987

Биографија

Неџат Шабани, легендарен центарфор на Беласица, Вардар, Слога Југомагнат, Победа од Прилеп, Пролетер Зрењанин, Металург, Лирија, ...

Ги поминува младинските категории на Вардар од Скопје. Во сезоната 1983/84 е во составот на сениорскиот тим на Вардар, а следната сезона игра во Лирија. Летото 1985 преминува во Беласица. Дебитира во октомври 1985, против Црвена Звезда од Ѓњилане. Првиот гол во дресот на Беласица го постигнува против Брегалница од Штип. Пролетта 1986 ќе биде во негов знак, ќе постигне 9 гола, а на натпреварот против Ловќен од Цетиње постигнува 2 гола. Во оваа своја прва сезона во Беласица на 24 натпревари постигнува 12 гола и ќе биде прв стрелец на тимот. Офанзивната линија во состав: Б. Јовановски, П. Блажевски, Н. Шабани, П. Андреев и Г. Узунов е една од најдобрите во историјата на Беласица. Следната 1986/87, Шабани со 7 гола на 23 натпревари, повторно е најдобар стрелец на тимот. Последен негов натпревар, на кој ќе го постигне и последниот гол за Беласица е против Нови Пазар. Во две сезони на 47 натпревари, постигнува 19 гола за Беласица. По овие две негови одлични сезони, заминува во Пролетер од Зрењанин во летото 1987 година. Во Пролетер ќе игра до 1989 година, ќе игра и против Беласица во единствената Втора југословенска лига. Летото 1989 година се враќа во Македонија и ќе игра за Металург од Скопје во Третата југословенска лига - исток. Во својата кариера Шабани ќе игра две сезони во Турција, во тимовите на Сариер и Бујукшехир. Во Македонија, најмногу ќе настапува за Слога Југомагнат, а со овој тим ќе го освои и купот на Македонија во 1996 година. Во летото 1996 од Слога преминува во Победа од Прилеп, каде ќе одигра своите последни две сезони. Последниот негов натпревар е во мај 1998, против Беласица во Прилеп.

По играчката кариера започнува со тренерска кариера, првин како помошник во Слога Југомагнат, а потоа и како главен тренер. Во сезоната, 2009/10 со Ренова станува шампион на Македонија. Ќе биде тренер и на Шкендија, Башкими, Влазрими,... Ќе биде и помошник селектор на репрезентацијата на Македонија. Како главен селектор ќе ги води репрезентациите на Македонија до 15, 18 и 19 години. Моментално работи во фудбалската академија на Македонија со играчи родени во 2010 година.

Кариера

Беласица

Настапи
47
Голови
19

Фотографии

  • Неџат Шабани