Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Митко Џртев

  • Играч
  • Тренер

1959–1966

Биографија

Митко Џртев, играч на Беласица и легендарен тренер на Беласица, Тиверија, Победа Валандово и Вардарски.

За Беласица има играно 7 сезони и одиграно 94 првенствени натпревари (немаме податоци само за сезоната 1961/62. Во таа сезона би требало Џртев да има настапувано на 9-те пролетни натпревари и со тоа да ја мине границата од 100 натпревари).

Дебитира за Беласица во октомври 1959 година против Братство од Гостивар, на 19 годишна возраст. На истиот натпревар, Александар Трендов по 10 сезони играње се простува од дресот на Беласица. Џртев во првата негова сезона, 1959/60 одигрува 5 натпревари и оди пролетта 1960 во ЈНА, заедно со Д. Џорлев. Пролетта 1962 настапува за Беласица во тимот, кој го изборува првото место во Штипскиот потсојуз и повторно враќање во Прва македонска лига. Во следните 5 сезони со Д. Џорлев го формираат славниот бековскиот тандем на Беласица. Во сезоната 1962/63 настапува на 23 натпревари, како дел од одбраната: Р. Комаров, Д. Џорлев (Т. Шумаров), М. Џртев, М. Ризов, Т. Панов и Т. Ефтимов. Во сезоните 1963/64 со 24 одиграни натпревари помага Беласица да стане вицешампион. И следната 1964/65 игра на 24 натпревари, како дел од одбраната: Комаров (Костадинов), Д. Џорлев, Џртев, Трајков (Ефтимов), Шумаров (Сулејманов) и Ризов. Во сезоната 1965/66 настапува на 19 натпревари, а последна негова полусезона е есенската 1966 година. Последниот натпревар го игра во октомври 1966 против Караорман во Струга.

Кариерата на Џртев, како прв тренер започнува во Тиверија, 1971 година, каде поминува таму три сезони. Во сезоната 1972/73 ја освојува титулата во Брегалничкиот регион и за прв пат во својата историја ја внесува Тиверија во Прва македонска лига. Ќе ја предводат заедно со Б. Ашиков, Тиверија и во првата нејзина сезона, 1973/74, во Македонска лига и ќе го освојат 11-тото место. Следните три години (1974-77) ќе ја предводат со Ашиков, амбициозната екипа на Победа Валандово. Во сезоната 1975/76 се шампиони на Брегалнички регион. Во Првата македонска лига, во сезоната 1976/77, го освојуваат второто место, со екипата составена од: Боев, Аљоков, Вукшан, Почек, Бинев, Данев, М. Карамучев,... Летото 1977 со Ашиков се враќаат во Беласица и ќе ја предводат само во есенската полусезона. Летото 1978 година повторно се враќаат во Беласица и го освојуваат третото место во Македонската лига во сезоната 1978/79. Во сезоната 1979/80 ќе е помошник на Љ. Арсеновиќ во Беласица, а Ашиков е тренер на Тиверија. Од 1980 до 1982 година, Џртев ќе е тренер повторно на Победа Валандово. Во 1982 година оди во Вардарски и ќе биде тренер таму до 1984 година. Во Беласица пак се враќа во летото 1988 година да му биде помошник на Б. Истатов, заедно со Божинов и Ашиков, во сезоната 1988/89, кога Беласица игра во единствена Втора лига. Следната 1989/90 е негова последна во клубот и првин е помошник на Р. Божинов, а потоа на Б. Истатов. Во сезоната 1993/94 повторно ја предводи Победа од Валандово.

Богата фудбалска кариера од над 30 години поминати како тренер и играч и ќе остане запаметен засекогаш во историјата на Беласица, Тиверија, Победа Валандово и Вардарски.

Кариера

Беласица

Настапи
100–103

Периоди

Тренер
1977–1979

Фотографии

  • Митко Џртев