
Милан Василев
- Играч
1977–1991
Биографија
Милан Василев, легендарен халф и десен бек на Беласица во периодот од 1977 до 1991 година, чиишто топовски удари беа негов заштитен знак. Василев бил младински репрезентативец на Македонија. Втор во историјата на Беласица по бројот на настапи на првенствени утакмици, вкупно 383 во 14 сезони. Во 13 сезони има по минимум 20+ првенствени настапи. Има постигнато 69 првенствени голови, што го прави само еден од шесте играчи што има дадено повеќе од 65 голови. Во три сезони е најдобар стрелец на тимот. Дебитира на 17 години, есента 1977 година во третото коло против Слога во Виница. Првиот гол за тимот на Беласица го постигнува против Охрид. Во сезоната 1979/ 80, Василев постигнува 6 гола, а посебно се истакнува на натпреварот против Вардарски, кога постигнува два гола.
Прва сезона во која Василев успева да е најдобар стрелец на екипата е сезоната 1981/82, кога постигнува 10 гола. На натпреварот против Куманово го постигнува својот прв хет-трик во кариерата. Милан е стандарден во екипата на Беласица, во сезоната 1982/83, кога конечно Беласица се изборува за влез во Втората југословенска лига – исток. Во периодот од 1983 до 1989 година одигрува 150 натпревари во Втората лига на Југославија, притоа постигнувајќи 12 гола. Сезоната 1987/88, Василев ја поминува во ЈНА. По испаѓањето на Беласица од единствената Втора југословенска лига, во сезоната 1988/89, Василев е еден од поискусните играчи, кој останува во екипата и игра за Беласица во Третата југословенска лига –исток. Оваа сезона, 1989/90, Василев со 10 гола е прв стрелец на тимот, на натпреварот против Бор постигнува два гола.
Во следната сезона, 1990/91, Василев ја одигрува својата најефикасна сезона во екипата на Беласица, притоа постигнувајќи 18 гола. Најдобрата игра ја покажува против екипата на ФЦУ, кога постигнува хет-трик. Неговиот последен настап за Беласица е во Прокупље, декември 1991 година, полусезона во која е исто така најдобар стрелец на тимот со 7 голови во Трета југословенска лига - исток. Потоа, во сезоната 1992/93 игра во есенската полусезона во Вардарски Богданци во Првата македонска лига. Во јануари 1993 година се враќа во Струмица, но сега во Тиверија со која влегува еден ранг погоре, а тој дава придонес со преку 20 постигнати гола. Последните три сезони (1993-1996) од својата кариера ќе ги помине во силниот македонски второлигаш, Турново, заедно со Даскаловски и Руменовски. Во оваа екипа одигрува 76 првенствени натпревари и постигнува 23 гола.
На свои 36 години, ја завршува својата играчка кариера.
По завршувањето на кариерата, останува во фудбалот, во сезоната 2000/01 година е помошен тренер во Беласица, кога Беласица е 4. предводена од младите Г. Пандев и А. Стојков. Потоа ќе продолжи како тренер на младинските категории. Од 2010 година, па сѐ до денес е дел од тренерите на Академија Пандев, кои работат со младинските категории во клубот.
Импресивна кариера, заедно со Пере Андреев, еден од симболите на Беласица.
Кариера
Беласица
- Настапи
- 383
- Голови
- 69
Фотографии

Милан Василев