Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Југослав Тренчовски

  • Играч
  • Тренер

Биографија

Југослав Тренчовски е поранешен играч на Беласица и еден од најуспешните тренери од овие простори. Ги поминува сите младински категории на Беласица. Дел е од младинската екипа, која го освои купот на Македонија, во 1993 година против Пелистер. Во следната 1993/94 го предводи младинскиот тим на Беласица. Во првата екипа дебитира, во септември 1994 година, против Победа во Прилеп, на 17 години. Во оваа своја прва сениорска сезона, 1994/95, ќе настапи на 8 натпревари. Во наредната 1995/96 сезона ќе одигра 11 натпревари во средината на теренот покрај П. Стојанов, П. Ристевски, Б. Беличев, З. Трајковски,... Летото 1996 година со Т. Секулов и М. Аљоков заминуваат во Малеш од Берово. Летото 1997 година повторно се враќа во Беласица и ќе одигра 5 натпревари во есенскиот дел од сезоната. Негов последен натпревар е против Скопје. По ова оди во Тиверија и игра за овој тим пролетта 1998 година. Летото 1998 година повторно заминува во Малеш и заедно со В. Георгиев и Б. Шонтевски помагаат Малеш да е во горниот дел на табелата во Втората македонска лига - исток. Следна станица во неговата кариера е Јака од Радовиш, каде тренер е Р. Јанушев. Во Јака останува до декември 2000 година. По пролетната сезона 2001 година, која ја поминува во Слога од Виница, летото преминува во Кожуф. Дава свој допринос во освојувањето на вицешампионската титула на Кожуф, во Втората лига. Во јули 2002 година оди во Победа од Валандово. Во октомври 2002 година, доаѓа во Турново, каде ќе игра и ќе биде асистент тренер. Во Турново ќе ги одигра своите последни натпревари и на 28 години ќе ја започне својата богата тренерска кариера.

Главен тренер е на Турново, а најголемиот успех го постигнува во сезоната 2004/05, кога Турново игра полугинале на куп и игра во баражот за влез во Прва лига. Сезоната 2005/06 ја поминува во Тиверија, со која е прв во Третата лига - исток. Потоа продолжува во Кожуф, па пак повторно се враќа во Турново. Во Беласица ќе биде тренер во периодот 2007 до 2009 година, кога ќе се избори тимот да игра бараж за влез во Прва лига. Од почетокот на 2009 година ќе е и тренер на младата репрезентација до 19 години на Македонија. Во овој период (2009-2011) ја поминува и едукацијата за про лиценца на УЕФА. Со формирањето на Академија Пандев во 2010, Тренчовски влегува како спортски директор и координатор на сите млади категории се до март 2018 година. Во периодот од март 2018 до март 2020 е главен тренер на Академија Пандев. Тренчовски со овој тим ќе успее во 2019 година да го освои купот на Македонија и да се пласира на третото место во оваа сезона, 2018/19. Добитник е на наградата за најдобар тренер на Македонија во 2019 година. Во следната сезона 2019/20, Тренчовски ја носи екипата на Академија Пандев до полуфинале на куп, но заради пандемијата, нема да се доигра ова издание на купот на Македонија. По пауза од 6 месец, есента 2020 повторно ќе е на чело на Академија Пандев. Во септември 2021, за прв пат заминува во странство, во тимот на Ал - Араби во Кувајт. Најпрвин ќе работи со младинските категории, за да од јули 2022 стане главен тренер на тимот. Во јули 2023 година е назначен за асистент тренер на тимот на Ал - Оробах во Саудиска Арабија. Од октомври работи во Бангладеш, како тренер на тимот Шеик Расел.

Тренчовски досега има богата и успешна тренерска кариера, која во иднина би требало да резултира со уште поголеми успеси.

Кариера

Периоди

Тренер
2007–2010

Фотографии

  • December 17, 2023

    Југослав Тренчовски на прес-конференција во тренерска јакна на Академија Пандев