Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Илија Матеничаров

  • Играч
  • Тренер

Биографија

Илија Матеничаров, е поранешен играч на Беласица и Тиверија и тренер на Беласица во сите категории на славната генерација на Г. Пандев, А. Стојков, З. Балдовалиев,...

Ги поминува како играч сите младински категории на Беласица. Дебитира за првиот тим против Рад од Белград, во март 1987 година, на свои 18 години, во Втората југословенска лига - исток. Ќе игра и против Нови Пазар, пролетта 1987 година. Летото 1987 година оди во Тиверија и ќе дебитира против Овче Поле. Ќе забележи вкупно 8 првенствени натпревари и ќе помогне Тиверија да влезе во Првата македонска лига. Сезоната 1988/89, тој заедно со В. Костов и М. Алачки ја поминуваат во ЈНА. Есента 1989 се враќа во Беласица и ќе биде првотомец, а ќе го постигне и својот прв гол против Победа во Прилеп. Вкупно во сезоната 1989/90 ќе одигра 17 натпревари и ќе игра во средината покрај: П. Андреев, М. Василев, С. Танев и В. Митев. Во следната сезона, 1990/91, ќе одигра 23 натпревари, а ќе постигне и два гола против Куманово и Брегалница Делчево. Натпреварот против Скопје во гости, во мај 1991 година, ќе биде последен негов официјален првенствен натпревар за Беласица. Ќе игра и во пријателските натпревари во летото 1991 година, но поради сериозна повреда нема да игра во првенството во таа сезона. Вкупно за Беласица одигрува 42 натпревари во 3 сезони и постигнува 3 гола. Потоа, започнува со тренерската работа (јули 1993), најпрвин во најмладите категории (пионери). Со генерацијата 1983, на Г. Пандев, А. Стојков, Д. Масев, З. Балдовалиев,... освојува првенства и купови во јуниорска (1997/98) и кадетска (1998/99) конкуренција. Пролетта 2000 година ја презема улогата на главен тренер на Беласица од Р. Панов. Ја освојува титулата со Беласица во Втората македонска лига, притоа забележувајќи 14 победи и 1 пораз од Јака. Ја предводи Беласица до 4-тото место во есенската 2000 полусезона во Првата македонска лига, со 8 победи, 2 нерешени и 3 порази. Ги поминува зимските подготовки, но по поразот до Слога Југомагнат во купот, се разделува со Беласица. Потоа, ќе премине во Работнички од Скопје, каде на чело на клубот е Трифун Костовски. Есента 2002 година се враќа во Беласица, но како советник на Р. Анчев. Ќе ја водат заедно Беласица против Лешоеш во купот на УЕФА, но и до второто место во сезоната 2002/03. Во сезоната 2004/05, Горан Пандев со Орце Тодоров се спонзори на Турново, а Матеничаров е во управата на клубот и ќе успеат да состават тим, кој ќе игра во полуфиналето на купот на Македонија и ќе игра во баражот за влез во Прва македонска лига. Во 2010 година, Горан Пандев го стартува проектот Академија Пандев, а И. Матеничаров ќе биде неговиот главен човек во клубот, во улога на претседател. Во 2017 година, Матеничаров ја добива наградата од ФФМ, за фудбалски работник на годината. Академија Пандев во 2019 година ќе го освои и купот на Македонија и ќе го донесе првиот трофеј во Струмица, во сениорска конкуренција, а Матеничаров со Ј. Тренчовски се главните алки. Матеничаров во мај 2023 е назначен за потпретседател на Беласица, но тоа траеше кратко.

Кариера

Периоди

Тренер
1999–2001

Фотографии

  • December 16, 2023

    Портрет на Илија Матеничаров во црвена маица