Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Игор Ѓузелов

  • Играч

1992–1995

Биографија

Игор Ѓузелов, легенда на македонскиот фудбал. Играч со богата меѓународна кариера помината во Хајдук, Шахтјор и Металург од Доњецк, Хапоел ПТ и Серкл Бриж и репрезентативна кариера во младинската и сениорската репрезентација на Македонија.

За репрезентацијата на Македонија има одиграно 18 натпревари (период 1998-2003) и постигнато 1 гол против Јужна Кореја (април 1998). За Беласица, во три сезони, има одиграно 50 првенствени натпревари.

Ги поминува сите младински категории во Беласица и дел е од младинската екипа (В. Георгиев, Т. Атанасов, П. Стојанов, С. Петковски…) на Беласица, која го освојува купот на Македонија во 1993 година. Дебитира за сениорскиот тим на Беласица во април 1993 г., на 17 години, во натпреварот против Силекс, во Струмица. Во следната сезона, 1993/94, игра на 19 натпревари во одбраната на Беласица: Илиев, Стојановски, Бојчевски, Ѓузелов, Дориев, Јовев, Беличев, Панов, Костов. Во следната 1994/95, настапува на 27 натпревари, заедно со голманот М. Илиев, најмногу за тимот во таа сезона.

Во летото 1995 година, на 19 години, заминува во најсилниот тим во Македонија, Силекс од Кратово. Игра и за младинската репрезентација на Македонија. Во следните 4 сезони, Ѓузелов ќе настапува за Силекс и ќе освои три шампионски титули (1995/96,1996/97,1997/98). Ќе се етаблира како еден од најдобрите дефанзивци во Македонија и во 1998 година ќе дебитира и во најдобриот состав на репрезентацијата на Македонија. Летото 1999 година преминува во хрватскиот великан, Хајдук, со кој во 2000 година ќе го освои купот, а во 2001година и првенството на Хрватска. Летото 2001 година преминува во великанот на украинскиот фудбал, Шахтјор од Доњецк, со кој во сезоната 2001/02 ја освојува двојнатакруна во Украина. Потоа, летото 2002 година, преминува во Металург од Доњецк, каде игра до крајот на 2005 година. Игра една полусезона (пролет 2006) и во израелската лига за тимот на Хапоел Петах Тиква.

Летото 2006 година оди во Серкл Бриж, каде ќе игра во следните 5 сезони, сѐ до 2011 година.

По играчката кариера, останува во фудбалот и живее во Белгија.

Кариера

Беласица

Настапи
50

За репрезентацијата

Настапи
18
Голови
1

Настапи и голови за македонската репрезентација, според биографиите и книгата „ФК Беласица – гордоста на Струмица“.

Фотографии

  • Игор Ѓузелов