Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Горан Пандев

  • Играч

1999–2001

Биографија

Горан Пандев, најдобриот играч на сите времиња во Македонија. Легенда на македонскиот фудбал, кој е рекордер по бројот на настапи за репрезентацијата (122) и постигнати голови (38). Освојувач на Лигата на шампионите со Интер во 2010 година. Интернационална кариера помината во Лацио, Интер, Наполи, Галатасарај, Џенова, Парма, Анкона и Специја.

Својата кариера ја почнува во Беласица и со пионерскиот и кадетскиот тим ги освојува своите први титули во првенството и купот на Македонија. Со младинците во 2000 година игра финале против Вардар од Скопје, кога го дава единствениот гол за Беласица. Дел е од славната генерација 1983, заедно со А. Стојков, З. Балдовалиев, Д. Масев… За Беласица настапува две сезони и вкупно одигрува 38 првенствени натпревари и постигнува 16 голови. Своето деби го има на само 16 години против Металург од Велес во октомври 1999. Уште во првиот негов натпревар до израз доаѓа неговиот раскошен талент. Во оваа сезона, 1999/2000, Беласица станува шампион на Втората македонска лига - исток. Пандев оваа се зона постигнува два хет-трика(Металург од Велес и Кожуф). Пандев игра на 20 првенствени натпревари и постигнува 10 голови. Убиствената четворка, Т. Атанасов, А. Стојков, В. Георгиев и Г.

Пандев заедно постигнуваат 71 гол. Во сезоната 2000/01, Беласица игра во Првата македонска лига и го освојува четвртото место. Пандев игра на 18 натпревари и постигнува 6 голови. Првиот гол во Првата македонска лига го дава против Шкендија од Тетово во 2 коло, а против Борец од Велес, во 7 коло, дава два гола. Последниот натпревар во дресот на Беласица го игра во Струмица против Слога Југомагнат, во мај 2001 година. Пандев во тоа време настапува и за сите младински репрезентации и се предводницисо Стојков. За сениорската репрезентација на Македонија дебитира на 6 јуни 2001 година против Турција. Летото 2001 година, заедно со Стојков, преминуваат во гигантот Интер во Италија. Играат во младинскиот тим во сезоната 2001/02. Во август 2002 година против Малта го дава својот прв гол. Тоа лето 2002 г. игра на позајмица во Специја, една сезона.

Летото 2003 г. оди на позајмица во прволигашот Анкона, каде игра една сезона и го дава својот прв гол. Летото 2004 година, во размена за Дејан Станковиќ, оди во Лацио. Во Лацио се етаблира како млада ѕвезда на италијанскиот фудбал и го нарекуваат „феномен“. Во Лацио на 159 натпревари дава 48 голови, притоа најефикасна сезона во кариерата му е сезоната 2007/08, кога постигнува 14 голови. Со Лацио го освојува купот на Италија во сезоната 2008/09. По многу преговори, во сезоната 2009/10, оди во Интер, каде ќе ја освои тројната круна уште во првата сезона. Стандардно игра за Интер и е во составот во финалето против Баерн Минхен, кога ќе ја освои титулата за сезоната 2009/10. Ќе игра во тимот со Ето, Снајдер, Милито, Станковиќ… Со Интер и следната година, 2010/11, ќе го освои италијанскиот куп. Ќе го постигне и решавачкиот гол за елиминација на Баерн Минхен во 1/8 на Лигата на шампионите.

Летото 2011 година оди во Наполи, каде ќе остане во следните три години. Во тој период, ќе освои уште два куп а на Италија, во 2012 и 2014 година. Летото 2014 година оди во Галатасарај, великанот на турскиот фудбал, каде ќе ја освои двојната круна. Летото 2015 г. пак се враќа во Италија, но сега во Џенова, каде ќе настапува во следните 6 и пол сезони. За тимот на Џенова ќе одигра 176 првенствени натпревари и ќе постигне 28 голови. Во јануари 2022 година, оди во Парма и таму ќе ја одигра својата последна полусезона. Во септември 2022 г. ќе го објави крајот на својата кариера по одиграни 24 сезони, од кои 18 сезони во Серија А во Италија. Во Серија Аќе одигра неверојатни 493 првенствени натпревари и ќе постигне 101 гол. По бројот на одиграни првенствени натпревари во Серија А е во топ 20 на сите времиња. Од странците само Х. Занети С. Хандановиќ имаат повеќе натпревари од него.

Со 101 гол е на 89-тото место на сите времиња во Серија А.

Со репрезентацијата на Македонија во 2020 победува во Лигата на нациите и со тоа за прв пат ќе обезбеди настап на едно европско првенство во фудбал. Европското првенство се игра летото 2021 година, а Пандев го постигнува првиот гол против Австрија. Ќе ги одигра сите три натпревари на првенството, а натпреварот со Холандија ќе е негов проштален.

Пандев во 2010 г. го основа и своето школо за фудбал - Академија Пандев, кое најпрвин ќе е само за млади категории. По неколку години, се основа и сениорски тим, кој во 2017 година успева да влезе во Првата македонска лига. Тимот оттогаш игра во Прватамакедонска лига, а во сезоната 2018/19 го освојува и купот на Македонија, што е единствен трофеј на струмичка екипа во независна Македонија.

Пандев со својата кариера придонесе многу за меѓународна промоција на Македонија. Тој ќе биде симбол на македонскиот фудбал повеќе од 20 години, но и за Македонија како држава. Кариера одбележана со многу успеси, титули во Лигата на шампионите, титули во Италија и во Турција, 5 купови на Италија. Неповторлива кариера и идол на многу сегашни и следни генерации на млади струмички и македонски фудбалери.

Кариера

Беласица

Настапи
38
Голови
16

За репрезентацијата

Настапи
122
Голови
38

Настапи и голови за македонската репрезентација, според биографиите и книгата „ФК Беласица – гордоста на Струмица“.

Фотографии

  • Горан Пандев