
Горан Мазнов
- Играч
1998–1999, 2015–2016
Биографија
Горан Мазнов е поранешен репрезентативец на Македонија и играч на македонските екипи Беласица, Слога Југомагнат, Работнички, Металург, Шкендија и Дојранско Езеро. Мазнов има и богата интернационална кариера во Спартак од Москва, Балтика, Томск во Русија, Дијарбекир во Турција, Локерен во Белгија и Керкира во Грција.
Мазнов ја започнува својата кариера во ФК Дојранско Езеро. На 17 години, летото 1998 година преминува во Беласица, која во сезоната 1997/98 година испадна од Првата македонска лига. Мазнов ќе дебитира за Беласица против Металург од Велес, во 1 коло, а својот прв гол за Беласица ќе го постигне против Ударник од Пирава, во победата од 9:2. Во својата прва сезона во Беласица, ќе одигра 16 натпревари во нападот покрај В. Георгиев, Т. Мицевски, М. Наков, Д. Фетиов, Б. Марков,... Летото 1999 година, тогашниот шампион на Македонија, Слога Југомагнат го зема во своите редови Мазнов, заедно со Т. Бандулиев и Б. Тимов. Но, сепак есента 1999 година, ќе играат овие тројца играчи на двојна регистрација. Мазнов, есента 1999 година, ќе настапи на 6 натпревари во дресот на Беласица и ќе постигне 3 гола, од кои 2 гола во последното есенско коло против Тиверија. Во нападот ќе игра покрај новите надежи: Г. Пандев и А. Стојков. Потоа, во јануари продолжува да игра само за Слога Југомагнат и во следната една и пол сезона, ќе одигра 21 натпревар и ќе постигне 4 гола, со што ќе допринесе Слога два пати да биде шампион на Македонија (2000, 2001).
Мазнов игра и за младинската репрезентација на Македонија и на тој начин, како еден од најперспективните фудбалери во Македонија, прави трансфер во рускиот гигант, Спартак од Москва, летото 2001 година. Во јули 2001 година дебитира за сениорската репрезентација на Македонија против Катар, а во натпреварот против Саудиска Арабија го дава и својот прв гол. Летото 2002 година, оди на позајмица во Торпедо ЗИЛ Москва и Балтика од Калининград, каде ќе постигне 11 гола. Во јануари 2005 година, се враќа во Македонија и ќе настапува за Работнички во пролетната полусезона и со 7 гола ќе допринесе во освојувањето на шампионската титула. Со него во тимот се и: П. Стојанов, Б. Михајловиќ, С. Игнатов, Г. Толески,... Во јули 2005 година оди во Дијарбакир во Турција, каде ќе постигне 3 гола, во сезоната 2005/06. Во јули 2006 година оди во Белгија, каде ќе игра на 23 натпревари за Локерен и ќе постигне 2 гола. Летото 2007 година, пак се враќа во Русија и ќе игра за Томск во следните три и пол сезони во најдобрата руска лига. Во 79 натпревари за Томск ќе постигне 21 гол и пак ќе настапува за репрезентацијата на Македонија, најчесто во тандем со Г. Пандев во нападот. Против Босна ќе постигне два гола. Последниот настап за Македонија му е во јуни 2009 година, против Норвешка. Вкупно за репрезентацијата на Македонија ќе одигра 45 натпревари и ќе постигне 10 гола, со што е на 8-мо место на најдобри стрелци на сите времиња.
Во дресот на Томск, во сезоната 2007 година со 9 гола ќе е 10-ти најдобар стрелец во руската лига. Мазнов ќе остане запаметен и по неговиот гол од март 2009, за гостинска победа против најдобриот клуб во Русија во тој период, ЦСКА, предводена од Вагнер Лов, Џагоев, Жирков, Акинфеев, Красиќ,... Во јануари 2011 година заминува во Грција и ќе игра за Керкира. Летото 2012 година се враќа во Македонија, но сега во екипата на Металург од Скопје, со кој во сезоната 2012/13 ќе стане вицешампион на Македонија. Мазнов постигнува 4 гола, играјќи во нападот покрај Миле Крстев. Летото 2013 година преминува во силниот тим на Шкендија од Тетово, за да по половина сезона премине во Шкупи. Во август 2015 година, по пауза од 15 години се враќа во Беласица. Мазнов ќе одигра 9 натпревари и ќе постигне 1 гол. За Беласица има одиграно 31 натпревар и постигнато 5 гола. Во јануари 2016 година, се враќа во својот матичен клуб, Дојранско Езеро, каде ќе остане до 2020 година и ќе одигра 33 натпревари и ќе постигне 3 гола во Третата лига - југ, завршувајќи ја својата кариера на 39 години.
Мазнов е еден од најдобрите центарфори, кои независна Македонија ги имала, со преку 100 гола постигнати во првенствата во клубовите каде настапувал и во репрезентацијата на Македонија.
Кариера
Беласица
- Настапи
- 31
- Голови
- 5
За репрезентацијата
- Настапи
- 45
- Голови
- 10
Според податоците на Аце Стојанов.
Фотографии

Горан Мазнов