
Дени Масев (Данчо Масев)
- Играч
2000–2011
Биографија
Данчо (Дени) Масев е интернационалец и поранешен репрезентативец на Македонија (5 натпревари), кој ги поминува сите младински категории на Беласица. Како дел од легендарната офанзивна четворка ( Г. Пандев, А. Стојков, З. Балдовалиев, Д. Масев) на Беласица освојуваше купови и првенства во пионерска, кадетска и младинска категорија. За сениорскиот тим на Беласица има играно во 5 сезони и на 86 првенствени натпревари и постигнато 4 голови. За Беласица дебитира на 16 години, во април 2000 година, против тимот на Овче Поле. На оваа средба го дава и својот прв гол. Оваа сезона (1999/2000), игра вкупно на 4 натпревари, а со младинците губат во финалето на купот против Вардар. Во следната сезона игра за младинската екипи, но игра и на 5 натпревари кај сениорите.
Во сезоната 2001/02 игра на 24 натпревари и во оваа сезона со сениорите е вицешампион, а со младинците на Беласица го освојува Младинскиот куп. Сезоната 2002/03 е стартер на 22 натпревари, а на 4 влегува како замена. Беласица повторно е вицешампион. Освен што игра за младинската репрезентација на Македонија, дебитира и за сениорите во ноември 2002 година против Израел, а игра за Беласица и во натпреварите на купот на УЕФА. Есенската полусезона 2003 година е неговата последна пред да направи трансфер. Во есенската полусезона има настапено на 15 натпревари, а дава и еден гол против Вардар од Скопје, кога е и играч на натпреварот. Во јануари 2004 година прави трансфер токму во Вардар, каде ќе игра сѐ до декември 2005 година. Во дресот на Вардар ќе настапи на 40 натпревари и ќе даде 6 голови, а ќе биде и репрезентативец и ќе игра против Холандија и Лихтенштајн, есента 2005 година.
Сето тоа е препорака за првиот интернационален трансфер во тимот на Металург од Запорожје, во јануари 2006 година. Игра на само 3 натпревари во Првата украинска лига и се враќа во Вардар на позајмица, есента 2006 г. Игра за Вардар една полусезона на 9 натпревари и пролетта 2007 година пак се враќа во Украина. Ќе одигра уште 5 првенствени натпревари за Металурт од Запорожје. Есента 2007 година паксе враќа во Македонија, но сега во дресот на Работнички. Во сезоната 2007/08 станува шампион на Македонија, со Работнички, а го освојува и купот. Есенската полусезона оди на 6-месечна позајмица, по трет пат во Вардар од Скопје. Но, пролетната полусезона, 2009 година, игра пак за Работнички и повторно станува шампион на Македонија. Летото 2009 година, оди во тимот на Хоризонт од Турново, кој во тој период е стабилен прволигаш.
По една сезона во Турново, летото 2010 година повторно се враќа во Беласица, која игра во Вторатамакедонска лига каде игра на 9 натпревари. Во јануари 2011 година оди во тимот на Кардица во Грција, но игра само на 3 натпревари и се враќа пак во Беласица, во април 2011 година, каде ќе помогне тимот да биде на 5-тото место. Последниот негов натпревар е против Миравци, во мај 2011 година. Ја прекинува својата кариера на 27 години. Останува во фудбалот и по играчката кариера. Во јуни 2018 година е спортски директор на сениорската репрезентација на Македонија, а во овој период, Македонија настапува и на Европското првенство во 2021 година.
Кариера
Беласица
- Настапи
- 86
- Голови
- 4
За репрезентацијата
- Настапи
- 5
- Голови
- 0
Настапи и голови за македонската репрезентација, според биографиите и книгата „ФК Беласица – гордоста на Струмица“.
Фотографии

Дени Масев (Данчо Масев)