Прескокни на содржина
ФК Беласица
Архивски портрет

Ацо Стојков

  • Играч

1998–2001

Биографија

Ацо Стојков, легендарен македонски напаѓач, дел од легендарниот тандем Пандев - Стојков, кој во 2001 година премина во Интер. Стојков направи богата меѓународна кариера во клубови како Интер, Дебрецин, Сион, Партизан, Ботосани… Има играно и за сите репрезентации на Македонија во младинските категории, а за сениорската има 42 настапи и 5 голови.

Кариерата ја почнува во Беласица и ги поминува сите младински категории, притоа освојувајќи титули во пионерска и кадетска конкуренција. Во 2000 г. игра во финалето на купот на Македонија против Вардар. За сениорскиот тим на Беласица игра две сезони, притоа настапувајќи на 35 првенствени натпревари и постигнувајќи 27 голови. Дебитира во септември 1999 г., на 16 години, против Овче Поле и постигнува два гола. Во првата своја сениорска сезона, 1999/2000, Стојков ќе одигра 22 првенствени натпревари и ќе постигне 20 голови, со што ќе е втор стрелец, зад капитенот Тони Атанасов. Стојков постигнува 4 хет-трикови во својата прва сезона. Беласица станува шампион во Втората македонска лига - исток и влегува во Првата македонска лига. Во есенскиот дел на сезоната 2000/01 е прв стрелец на Беласица со 5 голови.

Последниот свој гол во дресот на Беласица го постигнува во Скопје, во победата над Вардар од 2:1, на кој се повредува. Во сезоната 2000/01 одигрува вкупно 13 натпревари и постигнува 7 голови и е трет стрелец на тимот. Беласица завршува на 4. место, а во нападот А. Стојков игра покрај: Г. Пандев, В. Георгиев, Љ. Николиќ и С. Колашинац. Летото 2001 година, со Г. Пандев, како двајца најдобри играчи во Македонија, преминуваат во Интер од Милано. Првата сезона, 2001/02, играат за младинската екипа на Интер до 19 години. Во август 2002 година дебитира за Македонија против Малта и постигнува гол. Во следните сезони, Интер го позајмува на неколку италијански екипи, а оди и во Горник Забрзе во Полска. Во сезоната 2005/2006 игра на позајмица за Ла Лувиер во Белгија. Летото 2006 г. прави трансфер од Интер во Партизан од Белград, но по само една полусезона, преминува во Унгарија.

Со екипата на Дебрецин во 2007 г. станува шампион на Унгарија, а во 2008 година го освојува и купот. Во 2009 година оди во Швајцарија, во екипата на Арау, каде игра 3 сезони и постигнува вкупно 23 првенствени голови. Во 2012 г. оди и во Иран, на 6 месеци. Во јануари 2013 г., по 12 години, се враќа во Вардар. Со Вардар, во сезоната 2012/13, ја освојува титулата во последниот натпревар против Хоризонт од Турмово. За Вардар игра и есента 2013 г. и дава вкупно 17 голови. Во февруари 2014 г. игра за Ботосани, една полусезона, и летото 2014 г. се враќа во Работнички. Но по 6 месеци, оди во тимот на Скендербег во Албанија, со кој станувашампион на Албанија, во сезоната 2014/15. Летото 2015 година пак се враќа во Вардар кадеќе остане три сезони. Со Вардар ќе е шампион и во сезоните 2015/16 и 2016/17. Во летото 2018 г. се враќа во Струмица, но во тимот на Академија Пандев.

Оваа сезона, 2018/19, го освојува купот на Македонија. Летото 2019 г. оди во Осогово, каде останува до декември 2019 година и каде ја завршува својата кариера, на полни 36 години.

Стојков ќе остане запаметен како еден од најдобрите напаѓачи во независна Македонија и дел од двоецот Пандев - Стојков, кој направи трансфер од Беласица во Интер.

Кариера

Беласица

Настапи
35
Голови
27

За репрезентацијата

Настапи
42
Голови
5

Настапи и голови за македонската репрезентација, според биографиите и книгата „ФК Беласица – гордоста на Струмица“.

Фотографии

  • Ацо Стојков